ЗА АРХИВАТА

Некомплетната архива на една кратка историја на критиката и кураторството* е истражувачки проект инициран од AICA Mакедонија – Здружение на ликовни критичари, историчари на уметноста и куратори кои дејствуваат на полето на модерната и современата уметност. Предмет на неговото истражување е развојот на уметничката критика и кураторските практики во Македонија, претставени преку архива која се состои од документација на минати проекти и тековните практики на членовите на Здружението. Целта на проектот е преку создавањето на архивата како отворена збирка на знаење, која е во процес на постојано надоградување да ја преиспитува улогата на критичарот и кураторот, како во однос на уметничките практики, теориите на културата и институциите на уметноста, така и во однос на движењата и промените во општиот и локален социо-политички контекст. Формирањето на архивата е замислено да се остварува преку специфични тематски или проблемски проекти осмислени и селектирани од посебни редакции составени од членовите на Здружението и предложени од Управниот одбор на AICA Македонија. Собирањето, селектирањето и презентирањето на документите се реализира во соработка со членовите на здружението, кои предлагаат и приложуваат сопствени критички текстови или кураторски проекти кои кореспондираат со соодветната тематска целина. Редакцијата и членовите исто така предлагаат и приложуваат релевантни текстови, документи и проекти од други членови или од критичари и куратори кои не се членови на Здружението.

* Архивата се состои од дигитализирана или дигитална документација поставена и слободно достапна за истражувачки и едукативни цели. Објавувањето е овозможено благодарејќи на љубезната согласност на авторите и издавачите кои ги задржуваат авторските права. Секое евентуално користење на материјалите од архивата за повторно објавување во студии, проекти, на интернет мрежи, во комерцијални или други цели потребна е согласност од носителите на правата.

 

2015, 2016 и понатаму

АРХИВИЗАМ И АКТИВИЗАМ: што (е тоа што) ни е заедничко?

ПРОДОЛЖУВА >>>