2015/2016: Првиот посебен проект во рамките на Некомплетната архива започна да се реализира во 2015 година под наслов Архивизам и активизам: што (е тоа што) ни е заедничко? како предлог на Јованка Попова, Марика Бочварова Плавевска, Ана Франговска и Зоран Петровски.
Преку увидот во печатената и друг вид архивска граѓа, проектот Архивизам и активизам го третира развојот на различни форми на социјално ангажирани уметнички и критичко-теориски практики на територијата на Македонија во специфични социо-политички услови, од периодот во педесеттите години на минатиот век до денес.
Преку избор на текстови, осврти и критики архивата стреми да ги документира и истражи различните форми на уметничка автономија кои се во релација со ангажираното делување и протестот. Таа ги третира политиките на заборавање, манипулирањето со меморијата и справувањето со забранети теми, во зависност од тековните политички и идеолошки потреби во минатото и денес. Архивата во овој контекст е субверзивна, што значи дека нејзината задача е да ја предизвика хегемонијата на одредени историски и идеолошки конструкции. Ефективната демократизација, при процесот на формирање на архивите кој е отворен и нецелосен, оптоварен со релации на моќ и подложен на политизација, се преиспитува и според критериуми кои се однесуваат на можноста за пристап и партиципација во истата, во нивната содржина и отвореност за интерпретација. Затоа, архивата наместо како збир на документи и колективно знаење за одредена култура или период, тука се третира повеќе во однос на условите и односите кои дефинираат одредени ставови и дискурси, односно како средство за формирање и трансформација на ставови.
Хронолошки организирана, таа се осврнува на специфични периоди на општествени промени, ситуации на конфликт, идеолошки или политички пресврти, тематски поврзани со појавата на манифестни облици на критичка уметност и уметнички активизам, институционална критика, партиципативна уметност, уметност во јавни простори, уметнички интервенции, колективи, колаборативни практики.
Финална цел на оваа архива не е само да претстави уметнички и критички пракси и алатки кои развиваат градење на свест за општествените состојби, туку и да укаже на континуитетот на уметничкиот и критички ангажман кој еволуирајќи во нови концепти, нови инструменти и нови форми ќе ја поддржува и понатаму продуктивната позиција на уметноста во постојана антитеза со идеолошки и политички детерминираните процеси во општетството.
2016 / 2017: Продолжувањето и заострувањето на општествената криза, влијаеше на одлуката и на втората работна група, определена од членовите на здружението и Управниот одбор да предложи започнатата тема “Архивизам и активизам: што (е тоа што) ни е заедничко?“ да продолжи со истражувањето на ангажираната уметност и критика. Работната група во состав: Јованка Попова, Зоран Петровски, Тихомир Топузовски и Јане Чаловски ќе продолжи да го третира развојот на различни облици на социјално ангажирани уметнички и критичко-теориски практики на територијата на Македонија во различни специфични социо-политички услови, од периодот во педесеттите години на минатиот век до денес преку публикуван и непубликуван материјал кој во поширока смисла истовремено овозможува увид и во историскиот развој и локалните перспективи на полето на уметничката критика и кураторските практики, со фокус на случувањата на регионалната и локалната уметничка сцена.
Собирањето, селектирањето и презентирањето на документите беше реализирано во соработка со членовите на здружението и надворешни соработници кои беа повикани да предлагаат и приложуваат сопствени критички текстови или кураторски проекти кои кореспондираат со соодветната тематска целина. Оттука, предложениот архивски материјал третира прашања поврзани со појавата и развојот на критичка уметност и уметничкиот активизам, институционална критика и партиципативната уметност, уметноста во јавни простори, колаборативни практики и слично.
2017 / 2018: Во рамките на темата “Архивизам и активизам: што (е тоа што) ни е заедничко?” продолжува истражувањето на различните форми на критика и отпор во контекст на македонското општество и култура. Архивирањето има за цел подобро да се разберат методите и стратегиите на критичкото дејствување во одреден историски и општествен контекст, но и да ги анализира можните позиции и тактики на уметниците, ликовните критичари и интелектуалците во однос на општествените и социјални проблеми. Со други зборови, да го отвори прашањето за тоа колку уметноста и ликовната критика се спремни да ја напуштат привилегираната естетска и институционална позиција и, спротивставувајќи се на притисокот на моќта, да интервенираат и партиципираат во процесот на обликување и менување на општествената стварност. Притоа, мора да се нагласи дека активизмот, што се користи тука како заеднички означител на различни форми на критичко, ангажирано, субверзивно дејствување, е појава од понов датум. Воглавно се поврзува и може да се прати од периодот на транзицијата на нашата земја од еден во друг политички систем (од самоуправен социјализам во либерален капитализам), што резултираше со длабоки општествени и политички превирања што овозможија да се создаде плодна почва за појава на силно изразен национализам, авторитарен популизам, па дури, според некои критичари на општествените состојби, и фашизам („фашизам во куси панталони“, М. Грчев).
Оттука, предложениот архивски материјал се однесува на деценијата што сè уште ја живееме, деценија во којашто општеството доживеа длабока демократска, политичка, економска, културна и идентитетска криза. Во услови на целосен колапс на вредносниот систем, дел од уметниците со цел да укажат на нефункционалноста на културните институции, се насочија кон изнаоѓање на алтернативни простори на дејствување преку различни платформи: исцртување на можни простори за критичко мобилизирање и колаборација (Кооперација), конструкција на независен простор (Мобилна/монтажна галерија), интервенирање во јавниот простор (урбани герила акции) и сл.
Избор на Љиљана Неделковска
Избор на каталози, текстови, осврти и критики: Небојша Вилиќ, Силувајте го Скопје, кн.1,Скопје: 359, 2009; Небојша Вилиќ, Силувајте го Скопје, кн.2, Скопје: ЗП.ц.из, 2015; Никола Гелевски, На улица, не под земја, Окно, 10.07.2012; Славчо Димитров, Сета убавина мора да умре! Окно, 07.09.2013; Мариглен Демири, Што прочитаа мајмуните на АКТО, Окно, 05.09.2014; Љиљана Неделковска, Бодликавите хоризонти на футуризмот, Окно, 16.01.2017; Александра Бубевска, Уметноста, медиумите, јавното мислење и ајкулите во Вардар, Окно, 25.01.2018: Владимир Јанчевски, Текст кој не е текст, во: Кооперација, ОПА (Опсесивно Посесивна Агресија), Проект кој не е проект,Скопје, 22.10.2013; Кооперација, Точка на топење-Уметноста како анти-хегемониска пропаганда, јули 2014; Igor Toshevski, Makedonija: Kooperacija, Manek – magazin nezavisne kulture, Broj 2, februar 2014; Kooperacija, Art and Politics?, Open Systems, Reader: BALKAN(S) NOW, 2014; Suzana Milevska, Àgalma: The ‟Objet Petit a“, Alexander the Great, and Other Excesses of Skopje 2014 https://www.e-flux.com/journal/57/60425/galma-the-objet-petit-a-alexander-the-great-and-other-excesses-of-skopje-2014/; Ивана Васева, Филип Јовановски, АКТО 10: Врвна колекција на АКТО сеќавања и иднини 2006-2015 вол.2; Ивана Васева, Оливер Мусовиќ, Корумпирани пејзажи, Скопје: Мобилна/монтажна галерија на ЦСУ, 2017; Jon Blackwood, Captured State: New Art from Macedonia, Published by Summerhall, Edinburgh and Sandinista TP, Skopje, Republic of Macedonia, 2017; Велимир Желновски: Дали сме веќе изгубени, Работен наслов: # Шарена Револуција!? Контекстуални предизвици на граѓанскиот отпор и уметниковиот активизам во Р. Македонија 2008 – 2016 / Истражување кое не е истражување преку една архива која не е архива; КРИК, Фестивал на критичка култура, Постојано во транзиција-заробеност во скршените огледала, Скопје, декември 2017.